Република Северна Македонија е на листата на кооперативни јурисдикции за даночни цели и во овој процес што го спроведува Советот на ЕУ е вклучена од 2017 година. Согласно предвидените критериуми се изготвуваат две листи – листа на земји кои се кооперативни јурисдикции за даночни цели и кои имаат дадено заложба за спроведување на добри даночни пракси, каде и припаѓа С. Македонија, како и листа на земји кои се некооперативни, истакнуваат од Министерството за финансии во одговорот што МИА го побара по информациите дека земјава е ставена во „сива даночна зона” во ЕУ.
– Согласно ова сакаме да нагласиме дека не постојат „бела”, „црна” или „сива листа”. Република Северна Македонија е дел од земјите кои се на листата на кооперативни јурисдикции за даночни цели и во овој процес што го спроведува Советот на ЕУ е вклучена од 2017 година. Имено, процесот претставува следење на спроведување на изразената заложба на земјата за имплементација на добри даночни пракси и стандарди. Воедно, во рамки на овој процес во кој што е утврдено дека Република Северна Македонија е кооперативна јурисдикција за даночни цели, истата во 2021 година ја изрази својата заложба да направи измени на Законот за технолошко индустриски развојни зони во врска со општите услови за доделување на државната помош на дејностите од областа на информатичката и комуникациската технологија (ICT дејности), односно услужните дејности за обезбедување на нематеријални добра, до крајот на 2022 година, појаснуваат од Министерството за финансии.
Оттаму додаваат дека земјава е секогаш вклучена во конструктивен дијалог со Европската Унија и оти континуирано ги следи и имплементира меѓународните даночни стандарди.
– Република Северна Македонија ги исполнува сите меѓународни стандарди за оданочување и ги имплементира истите, а како резултат на овој процес во август 2018 година стана 117-та земја членка на BEPS (Ерозија на даночна основа и пренесување на профит). Дополнително, ја потпиша и ратификува Мултилатералната конвенција за заемна административна помош за даночни прашања (MAC), која што стапи во сила на 1 јануари 2021 година, велат од Министерството за финансии.