По повод 250 години од раѓањето на Бетовен, Дојче Телеком организирајќи тим од меѓународни експерти, ја доврши недовршената 10-та Симфонија на Бетовен со помош на вештачка интелигенција. Премиерата ќе се одржи на 9 октомври, во Телеком Форумот во Бон.
-Приказната за 10-та симфонија: Кратко пред смртта, Бетовен започнал да работи на 10-та Симфонија, но делото останало недовршено. Под водство на др. Матијас Родер, директор на Карајан институтот, група експерти за вештачка интелигенција и музиколози ја развија „Вештачката интелигенција Бетовен” која „го разбира” стилот на овој славен композитор, се наведува во соопштението на Телеком.
Оттаму додаваат дека вештачката интелигенција „работеше” не само со композициите и белешките на Бетовен за 10-та Симфонија, туку и со дела на други композитори и музичари кои докажано го инспирирале и влијаеле врз Бетовен за време на неговиот живот, како на пример Јохан Себастијан Бах.
-Заедно со експертите, алгоритамот го продолжи последното негово недовршено дело. Експериментот кој беше тема на дебата имаше за цел да одговори на прашањето – дали алгоритмите можат да бидат креативни и да ги заменат луѓето во уметноста, велат од Телеком.
Премиерата ќе биде емитувана и во живо. Како што посочуваат од Телеком, краткиот аудио клип кој може да се слушне овде им овозможува на слушателите да го добијат првиот впечаток за завршената композиција.