Хрватска е препознаена како застапник и поборник за проширување на ЕУ и ние сме заинтересирани да имаме стабилни и функционални соседи, рече премиерот Андреј Пленковиќ по самитот ЕУ-Западен Балкан во Словенија.
По самитот, Пленковиќ им повтори на новинарите дека Хрватска се смета за „застапник, адвокат за проширување на ЕУ” и дека е во интерес на најмладата земја – членка на ЕУ соседните земји „да бидат стабилни, функционални, економски да се развиваат и да имаат подобра социјална атмосфера “.
Во усвоената декларација се наведува дека „ЕУ ја реафирмира својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западен Балкан”, а исто така се споменува и „посветеност кон процесот на проширување”.
Пленковиќ посочи дека „првпат во оваа декларација се споменува зборот проширување” бидејќи порано за некои членови тој збор бил „табу”.
Тој посочи дека Хрватска е посветена на „реформирање на изборното законодавство во БиХ, постигнување консензус за сите клучни политички партии, институции и актери во БиХ”.
„Се разбира, на начин да се обезбеди легитимна застапеност на сите конститутивни народи во највисоките органи на БиХ”, додаде хрватскиот премиер.
Лидерите на ЕУ и земјите на Југоисточна Европа разговараа за посилната посветеност на Унијата за економско закрепнување на регионот и одржлив развој, зајакнување на политичкиот дијалог, регионална и безбедносна соработка, но со фокусирање на „европската перспектива” на тие земји.
Некои членки на ЕУ, вклучително и Хрватска, Словенија и Австрија, предупредуваат дека поради недоволната загриженост од ЕУ, Југоисточна Европа може да потпадне под влијание на Русија и Кина, додека другата страна, предводена од Франција, во принцип е за проширување на Унијата, но без амбиција тој процес да се забрза.