На Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој се одржува денеска и утре во Брдо кај Крањ, претседателот на Европската инвестициска банка Вернер Хојер изрази силна поддршка за зелена и дигитална трансформација во согласност со Економскиот и инвестициониот план на ЕУ.
Во соопштението од оваа институција се наведува дека ЕИБ ја потврдува својата улога како водечки финансиер на одржливи проекти. ЕИБ како банка на ЕУ целосно ја поддржува политиката на проширување на ЕУ на Западен Балкан со приспособен пристап, вклучително и промовирање на конвергенција со нормите и стандардите на ЕУ
На Самитот ЕУ-Западен Балкан, Хојер, придружуван од потпретседателката на ЕИБ Лилјана Павлова, ја повтори поддршката на банката на ЕУ за интеграција на Унијата во регионот, одржливо закрепнување од пандемијата на Ковид-19 и дигитализација на регионалниот пазар. Овие цели се дел од Економскиот и инвестицискиот план (ЕИП) на Европската Унија за Западен Балкан, во којшто се наведени инвестициски пакети во вредност од близу 30 милијарди евра за поттикнување поодржлив, зелен, дигитален и фокусиран кон луѓето раст во регионот.
Во рамките на иницијативата Тим Европа, ЕИБ има намера да придонесе за спроведување на овој важен план преку значителна финансиска и советодавна поддршка. Ова има за цел да ја забрза подготовката и имплементацијата на клучните проекти за одржлива поврзаност, дигитализација и зелена транзиција што ќе помогне во ублажувањето и приспособувањето на влијанието на климатските промени. Овие иницијативи се од суштинско значење за поттикнување долгорочно економско закрепнување, регионална соработка и конвергенција со стандардите на ЕУ, се посочува во соопштението од ЕИБ.
– Поддршката на Европската инвестициска банка ќе биде зајакната со зголемено локално присуство и соодветен пристап кон овој регион на Европа. Овој план уште еднаш ја потврдува улогата на ЕУ како главен партнер за регионот. Тој овозможува нормите и стандардите на ЕУ да бидат вградени во регионот – пред пристапувањето во ЕУ. Ова ќе ја забрза целокупната социоекономска интеграција во самиот регион и нивната интеграција со ЕУ. Тоа ќе обезбеди квалитетни инвестиции и транспарентност, преку ригорозни услови за набавки, истакна Хојер.
Банката на ЕУ ќе ја интензивира соработката со сите клучни партнери во јавниот и приватниот сектор за спроведување на клучните проекти и финансиските производи од суштинско значење за економската трансформација на регионот, проширувајќи ја нејзината поддршка и надвор од рамките на финансирањето кон политичкиот дијалог, градењето капацитети и унапредувањето на правото на ЕУ. Неодамнешен и важен пример за овој пристап е првиот Самит за железници за Западен Балкан организиран од ЕИБ, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Европската комисија и Транспортната заедница, одржан во Белград. Исто така започнаа и градежните работи на железничкиот коридор Х во Ниш, клучен одржлив транспортен проект на Западен Балкан.
„Успешно ја исполнивме нашата заложба да придонесеме со 1,7 милијарди евра како директен одговор на КОВИД-19, вклучително, меѓу многуте други проекти, гарантни шеми за вработување на младите, дигитализација на училиштата и поддршка за МСП за зголемување на нивното социјално влијание, особено за родовата и меѓугенерациската еднаквост. Како климатска банка на ЕУ, ние сме целосно посветени на поддршка на инвестициите во почиста енергија, климатска адаптација и зелен технолошки развој”, заклучи Хојер.
Од почетокот на пандемијата, ЕИБ додели 715 милиони евра за приватниот сектор во рамките на иницијативата Тим Европа за да помогне да се зачуваат работни места и бизниси и да се забрза закрепнувањето и трансформацијата кон зелен и дигитален модел. Во 2021 година, банката на ЕУ веќе договори проекти во вредност од близу 600 милиони евра, за што се очекува да обезбеди инвестиции од 1,2 милијарди евра. Овие средства се наменети за обезбедување на побрзото закрепнување на малите и средни претпријатија низ регионот, воведување поразновидна, посигурна и поефикасна енергетска мрежа во Србија и подобрување на градската транспортна мрежа во Сараево. Во исто време, ЕИБ продолжи да помага во подготовката на голем број проекти преку обемна техничка советодавна поддршка како од сопствени ресурси така и преку грантови на ЕУ. Најновиот грант е грант од 1,2 милиони евра доделен на Република Српска за поддршка на надградбата на квалитетот на услугите за вода и отпадни води за повеќе од 216.000 луѓе, се истакнува во соопштението.
Потпретседателката на ЕИБ, Лилјана Павлова, која е одговорна за регионот на Западен Балкан, ја потврди оваа заложба во контекст на идните проекти. – ЕИБ веќе потпиша голем број одржливи инвестиции за регионот. Целта беше да се подобрат дигиталната инфраструктура и вештини, да се модернизираат клучните железнички, водни и урбани транспортни мрежи и да се овозможи инклузивно вработување со првиот стимулативен заем за влијание, потпишан во 2020 година. Со овие и претстојните инвестиции, имаме намера да ја зацврстиме улогата на ЕИБ како водечки финансиер на зелени, одржливи, дигитални и инклузивни проекти во регионот, порача Павлова.