Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов денес одржа презентација на тунелите со кои се спојува булеварот Македонија (Јужен булевар) со бул. Кочо Рацин и поминуваат под објектот на Лимак.
– Ова сообраќајно решение е дел од планот кој го поставив пред четири години кога станав градоначалник – а тоа е Скопје да биде град без сообраќаен метеж, со најголема пешачка зона во Европа во центарот на градот. Со реализацијата на овој план скопјани добиваат брзо и непречено патување низ градот со возила, јавен превоз или други средства за транспорт, изјави градоначалникот Шилегов на денешната прес-конференција.
– Ова што денес го презентирам многумина рекоа дека е неверојатно и не може да се реализира. Денес гледаме дека не само што може, туку веќе сме на пола пат, а до 2024 ќе бидеме целосно готови, додава Шилегов.
Во продолжение тој додаде дека целосното сообраќајно решение кое се состои од три големи целини.
– Првата е токму оваа која денес ја гледаме. Овој коридор кој се прави со изградбата на тунелите под Лимак, овозможува без поминување преку строгиот центар на градот, граѓаните кои патуваат од Карпош, Ѓорче Петров да стигнат до Кисела Вода или Аеродром. Практично отвораме нова артерија која ќе го растерети центарот. Во рамки на целото решение за овој дел е вклучена изградба на голем кружен тек на раскрсницата кај Нова Македонија. Со ова добиваме брз и сообраќај без застој во овој дел на градот, продолжува Шилегов.
– Втората целина од планот е отворање на другата артерија од другата страна на градот со изградба на мостот на булевар АСНОМ. Со ова решение, граѓаните на Аеродром и сите кои доаѓаат од таму, ќе можат директно и без поминување во строгиот центар да патуваат до Карпош. Со тоа уште повеќе го ослободуваме од притисок на возила централното градско подрачје, додаде Шилегов.
– Овие два зафати ни овозможуваат потоа целото централно подрачје да го претвориме во најголемата пешачка зона во Европа каде ќе има само сервисни возила и секако БРТ, потенцираше Шилегов.
– За планот да биде целосен, има уште две големи сообраќајни решенија од кои првото е започнато а тоа е клучката кај Момин поток. Во моментов таму интензивно се гради и со неа го решаваме сообраќајниот метеж во тој дел од градот и брз транспорт кон Косово. И второто, решение за кое веќе имаме започнато постапка, пробивање на булеварот Словенија до Волково, нагласи Шилегов.
– Сите овие проекти ќе бидат готови до 2024 година и со тоа го решаваме сообраќајот во градот за следните 50 години. Вака се работи стратешки и плански и се развива градот за следните генерации. Она што ние ќе го направиме во овие осум години ќе им служи на многу идни генерации. Со ваквите храбри решенија, Скопје станува европска метропола, со решени сообраќајни проблеми, со помалку загадување и метеж, со многу јавен простор во Центарот и слободен за пешаци. Ова се реални проекти кое сега се случуваат, кои се градат и кои мора да продолжат за веќе 2024 да живееме во модерен, европски град. Сега не смееме да запреме на половина пат, туку да го завршиме она што храбро го почнавме, заклучи Шилегов на крајот од денешната прес-конференција.