Горан Герасимовски, кандидатот за градоначалник на општина Центар од СДСМ и Коалицијата го честиташе „Светскиот ден на лицата со церебрална парализа“ и повика на подигнување на јавната свест за потребите и проблемите, но најпрво почнувајќи од себеси, а потоа од институциите.
„Општина Центар во изминатиот период силно вложуваше во лицата со попреченост. Во ОУ „Киро Глигоров“ го отворивме првиот инклузивен центар на површина од 360 метри квадратни. Во овој центар 30 до 40 деца добиваат третмани од специјални едукатори, логопеди, психолози и физиотерапевти со што ја подобруваат својата функционалност. Центарот е опремен со антибактериски подови, адаптирани тоалети, пристапни рампи на неколку влезови во училиштето, интерактивни табли, клинео плафони и адаптабилно загревање. Центарот е опремен по најсовремени стандарди и за негово отворање општината издвои 5,4 милиони денари“, изјави Герасимовски.
Општина Центар исто така го отвори и првиот дневен центар „Пролет“, наменет за лицата со интелектуална попреченост над 18 години. Центарот располага со креативни работилници за социјализација и интеграција на лицата со попречености и во него се ангажирани координатор за програмски активности, социјален работник, доктор и дефектолог. Во следниот период општината ќе инвестира во инклузивни игралишта за деца без исклучоци, изјави Герасимовски.
За крај тој ги повика сите општини да го следат примерот на општина Центар и да вложуваат во полето на социјална заштита за подобрување на правата на лицата со попречености за целосно интегриран живот во општеството.