Во денешната дебата со против кандидатите за градоначалници за Центар на Телевизија 24, Горан Герасимовски од СДСМ и Коалицијата рече дека за општина Центар нуди реални решенија за сите три клучни проекти во општината паркирање, хигиена и урбанизам. Тој рече дека ЈП ПОЦ добива додатна дејност со сектор хигиена и зголемување на вработените до 130 за кои ќе се плаќаат придонеси што не било случај досега.
„ПОЦ добива нова комунална дејност и нови вработени кои ќе се грижат за хигиената на јавните површини. Новите вработени ќе имаат платени придонеси за разлика од сега што е дополнителен мотив за нив. Претпријатието има 3 но ќе се набават уште три цистерни за прскање на улиците. Во делот на зелените појаси ќе правиме засадување и зазеленување со дрвореди, денес имаме и ново засадување на „Орце Николов“. Исто така ќе имаме практика за едно исечено две нови дрва, ќе правиме и регистар на дрвореди, а стручен увид ќе утврдува дали треба тоа да се исече или не. Мора да напоменам дека планирам дупло зголемување на буџетот на екологијата“, рече Герасимовски во Студио 10 на Телевизија 24
Герасимовски ги презентираше и решенијата за проблемот со паркирањето на најфреквентните и критични точки, Буњаковец, Дебар Маало и Капиштец.
„Во Капиштец ќе следи продолжување на монтажната гаража по цела ул. „Народен Фронт“ со 250 нови паркинг места, Во „Буњаковец“ постојната гаража ја планираме на три нивоа под земја и две нивоа над земја, додека во „Дебар Маало“ на местото на сегашната општинска зграда ќе има големо зеленило, нова мала зграда на општината и подземен паркинг на две нивоа за 300 возила. ПУИК исто така ќе добие и нова зграда со 296 паркинг места и зелен појас. Ул. „Орце Николов“ останува само за жителите и така ќе биде со останатите улици. „Ленинова“ ќе почне со реконструкција при крајот на годината и ќе има предвидени паркинг места за сите жители. Резидентни паркинг места на секоја улица, така ќе ги заштитиме паркинг местата на жителите кои живеат таму“, изјави Герасимовски.
Како директор на Државниот завод за индустриска сопственост и познавање на патентите Герасимовски најави и проект кој се однесува на делот на рециклирање. Станува збор за посебни машини кои се произведени дома, во нашата држава и кои не чинат многу, со договори со компаниите кои се во можност да се рекламираат би можеле да се постават на бензински пумпи, училишта или било каде на јавна површина каде граѓаните ќе може да рециклираат. Така ќе се подигне јавната свест, а и децата од рана возраст ќе учат да ја чуваат животната средина.