– Верувам, и се надевам дека ќе го споделите со мене истото мислење, кога велам дека е потребен нов поттик за да се забрза процесот на донесување одлуки, бидејќи блокадата ќе продолжи да ги охрабрува ретроградните сили кои се противат на европското единство и вредности, коишто се вредности на земјите од Западен Балкан и кои ние ги прифативме и ги негуваме, потенцира премиерот Заев.
Тој истакна дека Северна Македонија презеде сѐ што беше неопходно и што беше потврдено како позитивно во март 2020 година, и е подготвена да направи и дополнителни прифатливи чекори, но и дека истата одговорност се очекува и од другата страна за вин-вин надминување на блокадата за проширување на ЕУ.
– Во духот на европските добрососедски односи, ќе ги интензивираме разговорите со нашиот сосед Бугарија и искрено ќе преземеме чекори во насока на решавање на отворените прашања. И досега покажавме подготвеност и конструктивен придонес во решавањето на билатералните прашања преку меѓусебно почитување и заштита на националното достоинство, но идентитетските прашања се едноставно невозможни за преговарање, нагласи премиерот.
Северна Македонија ќе продолжи по патот на реформите, рече Заев, и додаде дека преку владините стратегии „Акција 2021″ и „Европа дома”, сериозно се имплементираат европските вредности.
– ЕУ мора да најде формула како да го одржи својот збор и да го продолжи проширувањето на Западен Балкан. Граѓаните на Северна Македонија ќе видат огромен неуспех во политиките на Унијата доколку итно не им се испорача европската перспектива. Овој процес нема алтернатива, и затоа остануваме посветени на нашата стратешка цел – членство во ЕУ преку целосна имплементација на европските вредности и стандарди во Република Северна Македонија, истакна претседателот на Владата Зоран Заев на втората тематска сесија на Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Брдо-Крањ во Република Словенија, посветен на проширувањето на ЕУ.