Нов генерален директор на албанската полиција од денеска е Гледис Нано, кој доаѓа од функцијата директор на Дирекцијата за антитероризам, а го заменува Арди Велиу, кој вчера поднесе неотповиклива оставка. Одлуката за назначување на Нано е дел од одлуките донесени на денешната седница на владата со која претседаваше вицепремиерот Арбен Ахметај, во отсуство на премиерот Еди Рама, кој присуствува на Самитот ЕУ-Западен Балкан.
Кандидатурата на Нано е предлог на министерот за внатрешни работи Бледи Чучи, за што согласност добил и од Рама.
-Новиот генерален директор има силна поддршка од меѓународните партнери. Во август, во име на американската Влада, амбасадорката Јури Ким му додели благодарница со мотивација поврзана со придонесот во повеќе успешни заеднички антитерористички операции предводени од Нано, наведува Топ чанел.
Гледис Нано дипломирал на Националната академија на ФБИ во Квантико Вирџинија (Quantico Virginia), на позицијата директор на Дрекцијата за анти-тероризам е наменуван на 17 февруари 2016 година по 17-годишно искуство како дел од државната полиција. Во текот на својата кариера, извршувал различни задачи во полиција каде што имал успешни резултати во расветлувањето на значајни настани. Во почетокот на февруари 2020 година го помина процесот на ветинг.
Тој заедно со неговиот колега Индрит Дода беа одликувани од поранешниот министер Сандер Лешај во декември 2020 година, со медал за храброст по влегувањето во кампот Ал Хол и Рој во Сирија, каде што идентификуваа и вратија повеќе албански жени и деца.
Тој ја истражуваше и ја изведе пред лицето на правдата групата имами предводени од Бујар Хиса, кои врбувале и испраќале албански државјани во Сирија. Ја предводел целата тајна операција за протерување ирански дипломати од Албанија во јануари 2020 година.