Селекторот на прворангиранaта фудбалска репрезентација на ФИФА-рејтинг листата Белгија, Роберто Мартинез пред денешното второ полуфинале од Лигата на нации на УЕФА што неговате избраници ќе го играат против Франција во Торино (20.45 ч.) има само пофални зборови за „триколорите“.
– Дали сме посилни отколку пред три години? Би сакал да верувам. Во репрезентацијата дојдоа нови лица, од кои можев да го изберам составот за овој турнир. Имавме можност да играме подолго заедно. Синхронизацијата само стана подобра. Играчите се разбираат подобро. Франција, исто така, стана посилна по Светското првенство во 2018 година. Имаат многу добри млади играчи, Бензема се врати во репрезентацијата. Мбапе исто така напредуваше во овие три години. Имаат најмалку тројца одлични играчи на секоја позиција. Така мислам дека Дешам ќе се согласи со мене дека и Франција стана посилна во овие три години, истакна Мартинез.
Победникот од вечерашниот дуел меѓу Белгија и Франција ќе игра во финалето со Шпанија, која во првото полуфинале ја совлада Италија (2:1). Поразените селекции од двете полуфинални средби на завршницата од Лигата на нации ќе играат за трето место.