Спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија, кој доведе до бугарско вето за почеток на преговорите на земјава со Европската Унија, беше една од водечките теми на Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој се одржа вчера во Брдо кај Крањ, под покровителство на словенечкото претседателство со Унијата.
Силна поддршка за надминување на спорот со Бугарија дадоа вчера лидерите на Европската Унија, внесувајќи го ова прашање и во самата Декларација, која произлезе од Самитот и потенцирајќи дека неотворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија влијае и врз кредибилитетот и довербата во Унијата во регионот, јави известувачот на МИА од Брдо кај Крањ.
Во Декларацијата меѓу другото се потенцира дека ЕУ целосно ја поддржува изразената обврска на партнерите од Западен Балкан за инклузивна регионална соработка и зајакнување на добрососедските односи, вклучително и со земјите-членки на ЕУ.
– И натаму останува важно билатералните договори, меѓу кои Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија, да се спроведуваат со добра волја и видливи резултати. Понатамошни одлучни напори се неопходни за да се поттикнат помирувањето и регионалната стабилност, како и да се пронајдат и спроведат, во согласност со меѓународното право и воспоставените принципи, вклучително и со Спогодбата за прашањата за сукцесија, конечни, инклузивни и обврзувачки решенија за билатералните спорови и прашања меѓу партнерите кои се вкоренети во наследството од минатото, а исто така и за преостанатите случаи на исчезнати лица и за прашањата во однос на воени злосторства, се нагласува во документот.
За важноста на ова прашање говореа и двете посебни средби кои вчера на маргините на самитот ги остварија премиерот Зоран Заев и бугарскиот претседател Румен Радев. Едната со челниците на ЕУ – претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и словенечкиот премиер Јанез Јанша и втората со лидерите на двете најмоќни земји во Унијата, германската канцеларка во заминување Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон.