ДУИ вечерва одржа партиски собир во Желино каде ја побара поддршката од жителите за нејзиниот кандидат за градоначалник, Фатмир Изаири, и за спроведување на, како што рекоа, зелената агенда. Утре интегративците ќе имаат митинг во Дебар
По Охридскиот договор, најважната и најприоритетна агенда е зелената агенда, рече лидерот на ДУИ, Али Ахмети на митингот во Желино каде беа претставени кандидатот за градоначалник, Фатмир Изаири, и советничката листа предводена од Шевал Сулејмани.
„Со оваа советничка листа на чело со Шевал, има момчиња и девојчиња кои ќе му бидат од голема помош на Фатмир во донесувањето важни одлуки и проекти за општината. По Охридскиот договор, најважната и најприоритетна агенда е зелената агенда бидејќи ова е живот, затоа што ја обезбедува иднината, обезбедува просперитет“,рече Ахмети, пренесе МИА.
Кандидатот за градоначалник, Изаири, пак, вети зелени површини, решавање на проблемот со водоснабдување, патишта, училишта и спортски сали.
„Демократската унија за интеграција одлучи да ја спроведе зелената агенда која е во целосна согласност со сите развиени земји. Таа не е само реченица, туку содржи мноштво добро проучени и добро смислени акции за тоа како да се постигне. Клучниот збор на мојата програма е вода за пиење за секоја куќа, отстранување на фекалните води, асфалтирани патишта, училишта, шеталишта, спортски сали, зеленило итн. Програма до која секој ќе има пристап“,рече Изаири пред жителите на Желино.
ДУИ утре ќе ја продолжува предизборната кампања со собир во Дебар каде ќе го претстави кандидатот за градоначалник и листата на советници.