УНИЦЕФ, Британската амбасада во Скопје и македонската продукција на цртани филмови „Светот на Биби” покренаа нова иницијатива за поддршка на родителите при развивање вештини за користење активности за социјален и емоционален развој на децата преку игра.
Како што соопштија од УНИЦЕФ, оваа иницијатива опфаќа серија анимирани приказни, сликовници и друг материјал за поддршка на социјалното и емоционалното учење во најраните години од животот.
Таа беше претставена вчера на онлајн-работилница каде што родителите можеа да комуницираат со експерти и да добијат практични совети за активности со кои ќе им се помогне на децата да научат како да ги препознаат и да се справат со емоциите.
Амбасадорка на Обединетото Кралство во Северна Македонија, Рејчел Галовеј на работилницата посочи дека родителите, воспитувачите, но и општеството, треба да бидат вклучени во социјалниот и емоционалниот развој на децата. Како што рече, преку интегрирање на мислите, чувствата и однесувањето, може да се остварат овие важни животни задачи.
Според заменик претставникот на УНИЦЕФ, Артур Ајвазов, секоја интеракција, поврзување и игра, колку и да е мала, може да го стимулира развојот на мозокот кај децата и да го унапреди нивното здравје и благосостојба.
-Во првите години од животот на децата, детскиот мозок се развива со невидена брзина. Овој период нуди единствена можност за обликување на способноста на детето да учи, расте и да формира здрави врски, рече Ајвазов на онлајн работилницата.
Инаку, во изминативе три години, УНИЦЕФ и Британската амбасада работеа на воведување сеопфатна програма за социјален и емоционален развој во сите јавни предучилишни установи низ земјата. Програмата се однесува на благосостојбата и развојот на децата во предучилишните установи, но и на нивните наставници.
-Искуството на наставниците покажува дека примената на техники и практики за саморегулација, управување со стресот и други стратегии за благосостојба им помогнала да ги моделираат вештините што се обидуваат да ги обликуваат в училница. Исто така, нивното искуство јасно покажува дека играта и раскажувањето приказни им помагаат на децата да ги изразат своите чувства, подобро да се сложуваат, да покажуваат емпатија кон другите во групата, да се грижат повеќе за околината и да се чувствуваат посреќни, соопштија од УНИЦЕФ.
Врз основа на овие позитивни резултати, иницијативата на УНИЦЕФ и „Светот на Биби” има за цел да поддржи повеќе родители и деца, вклучувајќи ги и оние кои не посетуваат предучилишно образование, преку забавни едукативни материјали со кои децата и семејствата ќе се ангажираат дома.
Од УНИЦЕФ потенцираат дека целта на материјалите е да ги поттикне родителите да се вклучат и да комуницираат со децата додека ги гледаат новите анимирани приказни со популарните ликови Биби и Боби, а и да разговараат со децата за нивните емоции, да прават заеднички активности за релаксација и да научат начини соодветни за возраста за справување со различни ситуации