Мобилната мрежа на италијанскиот телекомуникациски оператор TIM е рангирана како најбрза 5G мрежа во Европа од истражувачката компанија Opensignal.
Најновиот извештај на Opensignal го позиционираше TIM на првото место во Европа според брзините на преземање на 5G мобилната мрежа. Операторот TIM се наоѓа и меѓу првите 30 во светот по искачувањето од 4G на 5G во download и upload брзините и корисничкото искуство при гледањето видеа и играњето видео игри.
Резултатите се базираат на независната анализа на мерења извршени од 1. јануари до 29. јуни 2021 година. Истражувањето го анализираше корисничкото искуство на мобилните мрежи на водечките светски оператори и откри дека клиентите на TIM постигнале 5G брзини на преземање од 296,5 Mbps, што е над 1000 проценти повеќе од брзините на преземање на 4G мрежите.
Во извештајот се истакнува дека FarEasTone беше единствениот глобален победник во 5G брзини на преземање со просечна брзина од 447,8 Mbps за корисниците во Тајван.
Портпаролот на компанијата Opensignal изјави: „Честопати се смета дека 5G го води Азија, но голем број европски оператори се меѓу лидерите во првиот извештај на Opensignal за 5G глобалните награди. Значајно е дека корисниците на TIM забележаа највисока просечна 5G брзина на преземање во Европа со 296,5 Mbps, но немаше други европски оператори меѓу водечките во 5G брзините на преземање: 50 проценти од најдобрите оператори според 5G брзината се во азиско-пацифичкиот регион, а само 27 отсто се европски“.
Останатите европски оператори беа препознаени како „глобални лидери“ во 5G, а станува збор за Sunrise во Швајцарија, Vodafone во Шпанија и Orange во Франција. Според извештајот, TIM и Vodafone Шпанија се единствените европски оператори кои забележале подобрување од над 1000 проценти.
Ова доаѓа како спротивност на резултатите од минатата година, кога Opensignal објави дека италијанските корисници на 4G мрежата забележале значително намалување на брзините на преземање, како резултат на заострувањето на ограничувањата за Ковид-19. Во тоа време, истражувачката компанија забележа дека италијанските корисници на паметни телефони искусиле значително помали 4G брзини на преземање во текот на поголемиот дел од денот во споредба со претходните пет недели.
TIM соопшти дека признанието од Opensignal ја потенцира неговата заложба за развој на уште подобри и побрзи фиксни и мобилни мрежни конекции и одлично корисничко искуство.