Шпанија ја совлада Италија на „Сан Сиро“ во Милано (1:2) во полуфиналето од фудбалската Лига на нации и ја прекина серијата на „аѕурите“ од 37 меча без пораз. Ова беше прв пораз на официјален меч за Италија како домаќин уште од 8 септември 1999 година! Последен пат Италија загуби на официјален домашен натпревар од Данска (2:3) во квалификации за Светско првенство.
Актуелниот европски првак Италија во септемвриските квалификациски натпревари за СП-2022 одигра 0:0 со Швајцарија, а дома ја победи Литванија 5:0 и стаса до 37 натпревар без пораз. Ваква низа на меѓународно ниво не направила ниту една репрезентација. Бразил во 1990-те и Шпанија во 2000-те стигнаа до 35 меча без пораз. Шпанија ја прекина таа серија на Италија која траеше од 10 септември 2018 до 6 октомври 2021.
Италија прими повеќе од еден гол на натпревар после повеќе од 3 години. Последен пат такво нешто им се случи на 1 јуни 2018 на меч со Франција кога изгубија 3:1. А на домашен терен примаат два гола во прво полувреме првпат после цели 29 години! Швајцарија во 1992-ра им дала два во едно полувреме.