Лидерот на германските конзервативци Армин Лашет денеска ја најави својата оставка од раководството на ЦДУ, по катастрофалните резултати на неговата партија ЦДУ на парламентарните избори во септември, на кои беше кандидат за канцелар.
-Многу брзо ќе се справиме со прашањето за новиот тим на ЦДУ, рече тој во Берлин, ослабен под притисок на изборниот пораз.
Помалку од една година откако го презеде раководството на партијата од Ангела Меркел, Лашет кажа дека ќе се обиде да одржи конгрес на ЦДУ на кој ќе се одлучува за иднината и реорганизацијата на лидерството.
-Од повлекувањето на Ангела Меркел од претседателската функција, имаме постојана дебата за правецот на делување на партијата, додаде тој.
Весникот „Билд” денеска јави дека конгресот треба да се одржи во првата половина на декември во Дрезден.
Избирачите го сметаат Лашет за најодговорен за најлошиот изборен резултат што конзервативците го постигнаа во историјата на модерна Германија.
На парламентарните избори, Социјалдемократската партија на Германија (СПД) освои најмногу – 25,8 проценти од гласовите, следена од ЦДУ/ЦСУ со 24,1 проценти, партијата на Зелените со 14,8 проценти и Либералите од ФДП со 11,5 проценти.
Денеска, меѓудругото, почнаа и преговорите меѓу СПД, Зелените и Либерално -демократската партија (ФДП) за формирање коалициска влада што треба да биде предводена од социјалдемократот Олаф Шолц.