Канцеларијата на СЗО во Северна Македонија денеска до Министерството за здравство/Институтот за јавно здравје достави пет носачи на вакцини и 1250 тестови и реагенси за секвенционирање на вируси, во рамки на тековниот одговор на КОВИД-19.
Целта е да се придонесе за ефективен одговор на КОВИД-19 во земјава.
Како интегрален дел на складирањето на вакцините во ладен синџир, носачите на вакцини претставуваат кутии со изолација што се користат за транспорт на вакцини и разредувачи до локации на терен, како и за привремено складирање во текот на изведувањето на имунизацијата во здравственитеустанови, со што се одржува потребната температура за складирање и се задржува квалитетот на вакцините.
Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека носачите за вакцини во голема мера ќе придонесат за подобрување на националните капацитети за складирање на вакцини и значително ќе ги поддржат напорите за дистрибуција на вакцините против КОВИД-19.
Бидејќи, како што рече, вакцинацијата и понатаму останува една од најефективните интервенции во текот на пандемијата, ние изразуваме голема благодарност за помошта на СЗО во справувањето со сите комплексни аспекти на пандемијата.
Џихан Тавила, претставничка на СЗО во Северна Македонија истакна дека подобрувањето на инфраструктурата на ладниот синџир ќе помогне вакцините што спасуваат животи, како вакцините против КОВИД-19, така и редовните вакцини, да стигнат до оние на кои им се најпотребни.
-Покрај ладниот синџир, СЗО ги поддржува и сите други аспекти за зајакнување на имунизацијата, вклучително и градењетoна капацитетите на работниците во јавното здравство, здравствените работници кои ја вршат вакцинацијата, педијатрите, матичните доктори и останатите здравствени работници, преку прилагодени курсеви за обука за вакцинацијата, додаде Тавила.
Таа ги охрабри сите целосно да се вакцинираат и да се придржуваат на јавно-здравствените и социјалните мерки, бидејќи, како што рече, сите тие се од клучно значење за завршувањето на пандемијата и забрзувањето на закрепнувањето на глобално ниво.
Набавката на опремата и имплементацијата на проектот се поддржани од Германија и Центарот за превенција и контрола на болести на САД, со техничка поддршка од СЗО.
Поддршката на СЗО на националните здравствени власти во поглед на пандемијата на КОВИД-19 вклучува поддршка на изработката и реализацијата на националниот план за вакцинација против КОВИД-19, обезбедување опрема за контролирано складирање на голема количина на вакцини на многу ниски температури, обука на здравствени работници вклучително и здравствени работници кои ја вршат вакцинацијата, придонес во севкупните редовни национални напори за имунизација и зајакнување на јавно-здравствените лабораториски капацитети на централно ниво.