Уапсен осомничениот за пукањето во училиштето во Тексас

Американската полиција го уапси осомничениот за пукањето во средното училиште Тимбервју во Арлингтон, Тексас во кое беа повредени четири лица, јавуваат агенциите.

Помошник началникот на полицијата во Арлингтон, Кевин Колбје изјави дека полицијата утврдила дека пукањето избувнало за време на конфликт помеѓу ученикот и друго лице во училницата.

Тој го идентификуваше осомничениот како Тимоти Џeорџ Симпкинс, осумнаесетгодишен Афроамериканец, за кого полицијата верува дека побегнал од местото на настанот со автомобил.

Полицијата рече дека Симпкинс, во меѓувреме, бил приведен без инциденти и обвинет за повеќекратни дела за тешки напади со огнено оружје.

Кога се во прашање повредените, едно лице имало полесни повреди и одбило лекување, а три лица биле пренесени во локалната болница. Дел од локалните медиуми пренесуваат дека 15-годишната жртва е во критична состојба.

Полициската управа во Арлингтон соопшти дека повеќето ученици од училиштето биле пренесени во блискиот центар за изведувачки уметности од каде што ги земале нивните семејства.

Треба да знаете
Последни објави