Следува зајакнување на капацитетите на комуналните служби во општина Аеродром. Сервисните улици по сите населби ќе се мијат со цистерни. Оваа механизација, ќе придонесе и за почисти плочници меѓу зградите, платоата, тротоарите, како и другите јавни површини, изјави Александар Филиповски, кандидат на СДСМ и коалицијата за градоначалник на општина Аеродром.
Филиповски при презентацијата на мерките за почист Аеродром, истакна дека е планирана и изведба на станица за селекција и компосторање на органиски отпад. Како што посочи, основната цел е отпадот до добие нова вредност и да се преработува.
Поголеми обврски ќе добијат и вработените по урбаните заедници, кои ќе бидат поприсутни на терен и ќе вршат надзор на состојбата со јавната хигиена.
Во делот на заштита на животната средина, значаен проект е и затворањето на Усјанскиот канал. Овој потег ќе прерасне во зелена, рекреативна зона која ќе можат да ја користат сите граѓани.
-Општината редовно ќе иницира и еко – акции, каде што ќе биде вклучена целокупната јавност: општинска администрација, училишта, градинки, малите бизниси, заинтересираните граѓани, јавни личности и сите оние кои сакаат да дадат конкретен придонес за почист Аеродром. Важно е да работиме и на повисока јавна свест за нашите маала да бидат почисти, кажа Филиповски.
Кандидатот за градоначалник и тимот од советници продолжуваат и денеска со секојдневните средби со граѓани. Тие ја презентираат програмата „Најдоброт за Аеродром“, која нуди решавање на голем дел од проблемите на аеродромци.