Со активирањето на третиот блок на РЕК Битола верувам дека ќе ги исполниме потребите на домашната потрошувачка во зимскиот период и оти нема да има енергетска криза во државава, истакна денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
– Стојам позади тоа дека нема да има енергетска криза во нашата држава имајќи во предвид дека работиме да ги зголемиме капацитетите на домашното производство со пуштање во употреба на третиот блок на РЕК Битола, а со тоа секако во зимскиот период ќе ги исполниме потребите на домашната потрошувачка, рече Бектеши во одговор на прашање по потпишувањето меморандум за соработка со Националната платформа за женско претприемништво.
Нагласи дека согласно Законот за енергетика, преку ЕСМ на некој начин имаме субвенционирање на цената на електричната енергија, посебно во делот на домаќинствата.
– Во делот на индустријата тоа е либерализирано одамна, а сега почнуваме да го либерализираме и во делот на домаќинствата, рече Бектеши
Тој порача дека АД ЕСМ веќе има отворено постапка за набавка на јаглен од странство и додаде дека ќе се одреди од каде ќе се увезе во зависност од цената и квалитетот, а за тоа ќе одлучи комисија на ЕСМ. Бектеши потсети дека согласно Законот за енергетика предвидено е затворање на термоелектраните во Осломеј и Битола до 2030 година.
– Со начинот како работиме и новите соларни и ветерни капацитети што се инсталираат во државата, убедени сме дека тоа ќе се случи порано од предвиденото, потенцира Бектеши.