Со државните резерви секогаш сме подготвени да интервенираме доколку забележиме некој циклус да покажува пикови, со што би имало рефлексија врз севкупната економија и врз цените на одредени базични производи, рече денеска премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање за најавениот раст на инфлацијата.
-Финансиски сме стабилни и секогаш сме подготвени, согласно праксата дома, но и праксата во европските земји со нашиот заеднички пазар со Европската Унија, навремено да дејствуваме, рече Заев.
Тој посочи дека државата веќе развила многу механизми и алатки за помагање. Дел, како што рече, веќе се реализирани, а тоа е намалување на ДДВ за електрична енергија како главен импакт на цената на чинење на производство на одредени производи.
-Во такви околности истовремено се преземаат други дејствија, односно сите наши потенцијали и капацитети за производство на дополнителни количини на електрична енергија да ги ставиме во погон. Апелиравме до деловните комори да ги анимираат сите деловни луѓе, компании кои што можат да придонесат во обезбедување и набавка на нови дополнителни количини јаглен надвор од државата, затоа што домашните ресурси ги користиме максимум, се со конечна цел да имаме дополнително производство на електрична енергија, рече Заев.
Тој истакна дека ќе се обезбеди поевтино производство на електрична енергија, која, наведе, прво е гарант за домаќинствата, второ, ќе биде алатка за помош на јавните институции и трето, ќе биде алатка за помош на стопанството.
-При ваквите механизми директно ќе можеме да им помагаме во оние важни или базични продукти кои допираат еднакво до сите граѓани, но и до сите други продукти или производи во кои што цената на чинење е значително изречна преку електричната енергија, да може да се носиме заедно со останатиот свет, додаде премиерот.
Напомена дека со државните резерви Владата секогаш е подготвена да интервенира ако некој циклус да покажува пикови кои што би имало рефлексија врз севкупната економија и врз цените на одредени базични производи, зејтин, брашно, млеко, јајца. Логично е, рече, кога се зголемува цената на струјата на светските берзи, таа директно да влијае и врз производството на одредени продукти.
-Ако за производство на еден продукт имаме употребено 100 единици, во 20 единици од нив учествува електричната енергија, и ако таа се зголеми за пет пати, тогаш логично е и производствената цена на тој продукт да се зголеми. Но, тука е Владата да интервенира и да помогне. Тоа што се случува во Европа и во целиот свет во моментов, така е и кај нас во регионот, рече Заев.
Прашан кога ќе се спроведат мерките, Заев рече дека дел од нив веќе се спроведуваат.
– Ако погледнете дома на вашата сметка за електрична енергија, ќе видите дека ДДВ во самата сметка на електрична енергија веќе е 5 отсто. Земете некоја сметка од мај или од јуни, ќе видите дека беше 18 отсто. Тоа значи дека се донесени правните регулативи, Парламентот ги има поминато, и тие се веќе во функција, рече премиерот.
Тој се надева дека во ноември ќе помине и формирање на Зелениот фонд, кој е заглавен во Собранието.
-Собранието ќе почне да работи од ноември. Зелениот фонд е вграден преку цената на нафта и нафтени деривати. Навремено Владата преземала дејствија за да може да интервенира и да помага. Среќа е што имаме финансиска ликвидност и стабилност, и тука сме да помагаме, но ова е само потврда дека секое законско ршение во Парламентот кое што е блокирано, има директни рефлексии и не може државата со недонесени навремени закони, да управува со сите свои механизми за помош, додаде премиерот Заев.