– Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – август 2021 година, изнесува 4 562 214 000 евра и бележи пораст од 31,5 отсто во однос на истиот период лани, соопшти Државниот завод за статистика.
Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 6 250 832 000 евра, што е зголемување за 34 проценти. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – август 2021 година, изнесува 1 688 617 000 евра, а покриеноста на увозот со извоз изнесува 73 отсто.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта и фероникелот. Во увозот се најмногу застапени другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба, платината и легурите на платина, необработени или во прав и нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови).
Во периодот јануари – август годинава, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Кина.