Шефот на Интел Пат Гелсинџер изјави дека американскиот производител на чипови повеќе не размислува за изградба на фабрика во Велика Британија поради Брегзит.
Гелсинџер за Би-Би-Си истакна дека пред Британија да ја напушти ЕУ, земјата „можеше да биде место за кое би размислувале”. Но, додаде: „По Брегзит … се селиме во земјите на ЕУ и добиваме поддршка од ЕУ”.
Интел сака да го зголеми производството во услови на глобален недостиг на чипови што го попречи снабдувањето со автомобили и друга стока.
Компанијата – еден од најголемите светски производители на полупроводници – вели дека кризата покажала дека САД и Европа се премногу зависни од Азија за нивните потреби за производство на чипови.
Интел ќе инвестира до 95 милијарди долари за отворање и модернизирање на фабрики за полупроводници во Европа во следните 10 години, како и за зголемување на производството во САД.
Гелсинџер појасни дека компанијата имала намера да бара места за изградба на производствени капацитети во Велика Британија, но Брегзит го променил тоа.
Шефот на Интел додаде дека досега компанијата има добиено околу 70 предлози за градење капацитети низ Европа од можеби 10 различни земји.
– Се надеваме дека ќе постигнеме договор за место, како и поддршка од ЕУ … пред крајот на оваа година, вели тој.
Проширувањето на Интел доаѓа во време кога се очекува глобалниот пазар на полупроводници да се зголеми двојно во следните седум години на околу 800 милијарди долари.
Денес, САД произведуваат само околу 12 проценти од светските полупроводници, додека корејската компанија Самсунг и тајванската компанија за полупроводници (TSMC) сочинуваат 70 проценти од глобалните достави.