Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денеска, на покана на организацијата „Macedonia 2025“, се обрати на настанот на кој се презентираше Индексот за бирократија за 2020 година, истражување кое се спроведува во неколку европски земји, помеѓу кои е и Северна Македонија, а кое преку заедничкиот проект „Кон намалување на бирократскиот товар”, го реализираат „Macedonia 2025“, Институтот за економски и социјални студии (INESS) од Република Словачка и регионалната канцеларија на Friedrich Nauman Фондацијата. На настанот зборуваа и извршната директорка на организацијата „Macedonia 2025“, Никица Мојсоска Блажевски и аналитичарите Сашо Клековски и Антонио Николоски.
Вицепремиерот Битиќи, посочи дека резултатите од спроведеното истражување, од кое се произлезени препораки, укажуваат на тоа дека Северна Македонија, во споредба со останатите земји кои се опфатени, има најмало бирократско оптеретување во однос на бројот на процедури и бројот на часови кои компаниите ги поминуваат за да ги завршат сите обврски кон државата и додаде дека Владата реализира голем број на активности и прави напори и уште повеќе да се подностават бирократските обврски на фирмите, како и да се создаде поефикасна и поефективна администрацијата, уште подобар сервис за граѓаните и за стопанството.
„Во овој меѓупериод од една година, помеѓу двата настани преземени се навистина сериозни чекори токму во насока на поефикасна и поефективна администрација и намалување на обврските на бирократските процедури. Тоа го правиме и на оперативно и на стратешко ниво. Кога велам на оперативно ниво, тоа се редовните средби, на месечно ниво со стопанските комори, на кои ги отвораме сите важни и помалку важни теми, потоа седниците на економско социјалниот совет во кој во голема мерка се разговара за работничките права и правата и обврските кои проѕлегуваат од работните односи. Го донесовме и Планот за борба против корупцијата, со кој сакаме да ставиме крај на неефикасноста на административните постапки, а во чии рамки е отпочнат со работа и контакт центарот, односно он-лајн системот за поднесување и следење на пријави, а секако особено важен е процесот на дигитализација на администрацијата, со кој верувам дека значително би можеле да се забрзаат мноштво процеси.На стратешко ниво, сите знаеме дека компаниите сакаат сигурност и предвидливост, тука работиме на креирање на Национална развојна стратегија за наредните 20 години, која дефинитивно ќе ни го трасира патот кон поинтензивен и одржлив развој, како и создавање на Систем за управување со информации, во чии рамки ќе биде и единствен регистар на државна помош, со кој на едноставен начин компаниите би можеле да стигнат до информациите што им се потребни за сите мерки на поддршка кои државата ги обезбедува, но и ќе претставува една точка за реализација на инвестиции на сите економски субјекти. Направивме многу за една година, но треба уште многу да изодиме. Граѓаните и компаниите заслужуваат ефикасен и ефективен државен апарат, модерни и современи услуги, едноставни бирократски процедури, а својот потенцијал, потенцијалот на своите луѓе да го насочат кон развој”, потенцираше Битиќи.
Вицепремиерот, во изјава за медиумите, посочи дека. Владата го избра пристапот на создавање на одржливи и долгорочни решенија, да се носат политики кои носат резултати на среден рок и да се спроведуваатт политиките, со носење на соодветни законски решенија. Тој посочи неколку примери, воведени во последната година со кои значително се подобри ефикасноста на административните процеси.
„Работевме на законски решенија со кои ќе се поедностават многу административни процедури. Мерката за пријава на недоследности во спроведувањето на административните процедури за граѓаните и компаниите, само при најавата, за 30% ги забрза процесите кои беа во тек. Тоа се случи само при најавата. Активно се решаваат секоја една пријава на граѓанин или компанија, каде процесот заостанува. Како второ, просечното време за добивање на државна помош за реализација на инвестиции во нашата земја, пред една година изнесуваше од 8-12 месеци, тоа значи од денот на пријава за добивање на државна помош дека треба толку време за таа да се реализира. Денес тоа е скратено на само 2 месеци. Во овој момент се рабити и на дигитален асистент за државна помош, со чие воспоставување го адресираме делот во извештајот од Стејт Департментот кој укажува за можни коруптивни моменти при доделување на државна помош. Тоа ќе биде прв пример на земја во Југоисточна Европа, за дигитален асистент, кој ќе дава изворни информации на сите подеднакво за тоа што треба и може да очекуваат како поддршка од државата”, нагласи вицепремиерот Битиќи за време на презентацијата на Индексот на бирократија за 2020 година.