Економскиот развој е зависен од инфраструктурата, па затоа акцентот е ставен на инвестиции во неопходната инфраструктура, но не го запоставуваме и бизнис-секторот, како и поттикнувањето на сопствени бизниси.
Нашата политика во периодот до 2025 година е фокусирана на економскиот развој на Карпош, преку зголемување на соработката со бизнис-секторот и претприемачите, како главни двигатели на економијата. Во оваа сфера посветено ќе работиме на создавање можности за вработување и поттикнување на младите за основање сопствени бизниси.
Развојот на економијата зависи од инфраструктурата и затоа акцентот го ставаме на инвестиции во неопходна инфраструктура, пред сѐ, за дисперзирањето и хуманата планска урбанизација кон Злокуќани и Бардовци. Во таа смисла клучни инфраструктурни проекти се изградба на мостот од ул. „Љубљанска“ – Карпош 4, преку Вардар кон Бардовци, како и изградба на клучката кај Момин Поток, кои се реализираат во соработка со Град Скопје.
Политиката на хумана планска урбанизација значи, врз основа на темелна анализа, решавање на метежот со паркирање на автомобилите, вклучувајќи воведување зонско паркирање на локациите со голема фреквенција на автомобили.
Нашата политика во наредните четири години е доследно спроведување на надлежностите на општината, особено:
-редовна реконструкција на општинските улици, кои не биле опфатени со досегашните планови, вклучувајќи поставување и обновување на вертикалната и хоризонталната сообраќајна сигнализација, како и изградба на велосипедски патеки.
-обновување и проширување на водоводната и канализациската мрежа, преку координација и соработка со јавните претпријатија на Град Скопје.
-редовното одржување и обновување на постојната и поставување нова урбана опрема.
-етапно заменување на сите улични светилки со лед „паметни“ светилки, заради значително подобрување на јавното осветлување, но и за значителни заштеди во буџетот.