По предупредувањата на преработувачите дека е можно зголемување на основните прехранбени продукти до 50 проценти, од Владата и вчера смируваа дека доколку има ценовни шокови, ќе се интервенира и ќе се донесе одлука за замрзнување на цените. Уверуваат дека државата е финансиски стабилна и подготвена навремено да реагира.
Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека будно се следи ситуацијата и во зависност од тоа како ќе се движат цените на суровините и репроматеријалите во делот на увозот и производството на производите кај нас, ќе се постапува согласно Законот за трговија.
-Ќе видиме дали ќе има зголемување на цените на тие производи. Секој ден следиме што се случува и ако има големи ценовни шокови, веднаш ќе постапиме и ќе донесеме одлуки за замрзнување на цените. Не се зборува за нивно зголемување за 50 отсто, а доколку се случи такво нешто, секако дека директно ќе интервенираме, рече Бектеши.
И премиерот Зоран Заев откако во вторникот кажа дека Владата ќе интервенира доколку има потреба, вчера повтори дека државата е финансиски стабилна и подготвена навремено да реагира.
– Со државните резерви секогаш сме подготвени да интервенираме доколку забележиме некој циклус да покажува пикови, што би имало рефлексија врз севкупната економија и врз цените на одредени базични производи, подвлече вчера Заев, одговарајќи на новинарско прашање.
Според него, веќе се преземени одредени чекори како што е намалувањето на ДДВ од 18 на 5 проценти за струјата која има влијание врз цената на чинење на одредени производи.
– Истовремено се преземаат и други дејствија, односно сите наши потенцијали и капацитети за производство на дополнителни количини на електрична енергија, да ги ставиме во погон. Апелиравме до коморите да ги анимираат сите деловни луѓе и компании кои можат да придонесат во обезбедување и набавка на нови дополнителни количини јаглен надвор од државата, затоа што домашните ресурси ги користиме максимум со конечна цел да имаме дополнително производство на електрична енергија, рече Заев.
Со вклучувањето на третиот блок на РЕК Битола, според министерот за економија, ќе се покријат потребите на домашната потрошувачка во зимскиот период и нема да има енергетска криза.
– Стојам позади тоа дека нема да има енергетска криза во нашата држава имајќи предвид дека работиме да ги зголемиме капацитетите на домашното производство со пуштање во употреба на третиот блок на РЕК Битола, а со тоа во зимскиот период ќе ги исполниме потребите на домашната потрошувачка, рече Бектеши, одговарајќи на новинарски прашања по вчерашното потпишување на меморандум за соработка со Националната платформа за женско претприемништво.