„Бидејќи во изминатите години Бутел беше заборавен, не само за изградба на атмосферска канализација, туку имавме населби кои воопшто немаа асфалт. Изградивме околу 70 улици, а во првата година од новиот мандат со уште 20 улици ќе завршиме целосно со асфалтирање на општина Бутел“ кажа актуелниот и кандидат за градоначалник на Бутел, Велимир Смилевски на дебатата на МТВ.
Тој додаде дека помеѓу приоритетите за следниот мандат му е целосно поставување на атмосферската канализација во општината, што е најгорлив проблем за граѓаните.
Смилевски најави дека во наредните четири години ќе изгради и неколку катни гаражи на територијата на општина Бутел.
„Обезбедени се средства и две локации за изградба на нова полициска станица и нов противпожарен пункт. Тоа ќе бидат типски полициски станици, кои се градат веќе низ државата. Местото каде што е постоечката полициска станица е планирано да стане модерен пазар“ кажа Смилевски.
Тој најави дека по изборите ќе биде соопштена странска инвестиција во општината Бутел, која таму ќе ја постави својата дирекција и главните магацини и ќе донесе нови вработувања за жителите на општината.