Русковска поднесе обвинение против Рашковски

Со обвинението за спорните набавки на софтвери за сообраќајни прекршоци и за биометриска идентификација на гласачи, покрај Рашковски, се опфатени уште шест лица, дознава „360 степени“ од судски извори

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК), со кое раководи Вилма Русковска, денеска до Кривичниот суд во Скопје поднело обвинение против поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, и против уште шест лица за проблематичните набавки на софтвери, дознава „360 степени“ од судски извори.

Ваквиот развој на настаните обвинителката Русковска го најави на 21 септември годинава кога објави дека се завршени вештачењата и дека истрагата, во која беа споени два предмета, влегува во завршна фаза со испрашување на осомничените. Рашковски го дочекува обвинителниот акт во домашен притвор, иако обвинителството повеќепати бараше тој да се врати во затворски притвор.

Активен уште еден предмет за Рашковски

Освен за софтверите за сообраќајни прекршоци и за биометриска идентификација, Обвинителството за гонење организиран криминал се интересира и за обвинувањата за манипулации со софтверот за полагање државни испити. И тој тендер го склучи Драги Рашковски како генерален секретар и тоа со фирмата која е под истрага за софтверот за сообраќајни прекршоци, „Инвока гроуп“. Со тој систем, своите испити електронски ги спроведуваа 13 институции, меѓу кои и Академијата за судии и јавни обвинители. Предметот е во фаза на предистрага.

Адвокатите на Рашковски досега одбиваа да ги коментираат предметите против нивниот клиент. Своите ставови засега ги преточуваат во жалби пред надлежните институции, како онаа во која понудија половина милион евра имот и пари за Рашковски да излезе од Шутка. Со гаранцијата се согласи и Вишото обвинителство, но Апелацискиот суд, на крај, не ја зеде предвид. Сепак, делумно ја уважи неговата и жалба и наместо на слобода, го прати во куќен притвор.

Во средина на септември во јавноста излегоа фотографии од Рашковски како се шета додека е во куќен притвор. Објаснувањето е дека Основниот суд му дозволил во одреден период од денот да користи здравствени услуги.

Треба да знаете
Последни објави