Централниот депозитар за хартии од вредност и додели плакета на Народната банка за успешна соработка

Во рамките на активностите за одбележување 20 години од основањето на Централниот депозитар за хартии од вредност АД Скопје, денес, беше остварена средба помеѓу извршната директорка на Депозитарот, Даринка Дамјановиќ и гувернерката на Народната банка на Република Северна Македонија, д-р Анита Ангеловска-Бежоска.

Во оваа прилика, на Народната банка ѝ беше доделена плакета во знак на благодарност за 20-годишната успешна соработка на двете институции.

Имено, Народната банка има клучна улога во извршувањето на една од најважните функции на Депозитарот ‒ паричното порамнување при тргувањето со хартиите од вредност, како и организација на примарниот и секундарниот пазар на државни хартии од вредност, придонесувајќи кон стабилноста на овој сегмент на пазарот на капитал. Исто така, двете институции имаат плодна соработка во изготвувањето и остварувањето проекти за одржување и развој на стабилни и модерни платни системи, во делот на порамнувањето на трансакциите со хартии од вредност коишто се склучуваат на Македонската берза за хартии од вредност и на Пазарот преку шалтер организиран од Народната банка на Република Северна Македонија.

Соработката помеѓу Депозитарот и Народната банка е силна и во областа на статистиката, преку обезбедување навремени и квалитетни податоци за домашно тргуваните хартии од вредност. Информациите од Централниот депозитар се користат за подготовка на статистички податоци, согласно со пропишаните национални и меѓународни стандарди, коишто претставуваат основа за донесување одлуки засновани на докази (факти), во доменот на монетарната и економската политика.

Треба да знаете
Последни објави