Италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри одушевен од познавањата на џифонци на стрип-културата

За денеска на програмата во 16 часот е закажана проекција на филмот „Тука сум“ во режија на Стефан Божиновски. По него следува презентација на „Марви продакшнс“, група неуморни млади ентузијасти предводени од Мартин Чичовски.

9 октомври, Скопје: Италијанскиот амбасадор во земјава, Андреа Силвестри вчера на голема радост се дружеше со џифонците во киното „Фросина“. Со нив тој ја сподели својата голема страст кон стрип-културата, неговата голема пасија. Преку примери од светската продукција на  стрипови и цртани филмови од минатиот век, тој им ги долови и најсуптилните начини со кои филмската уметност, цртаните и стриповите се послужиле во минатото за да наметнат некоја идеологија.Ù è

Амбасадорот Силвестри беше позитивно изненаден од знаењето и љубопитноста на младите во Македонија токму на оваа тема.

-Дури и ликовите на „Марвел“ носат секогаш некоја идеологија зад себе. Суперхероите се родени во Америка. И тоа има многу врска со филозофијата за американскиот сон. За разлика од американската култура, суперхероите многу не поминуваа во Европа. Се прифатени, меѓутоа не со таков култ кон нив. Еве знам дека и во Македонија имате Ајвармен, а и ние во Италија имаме некој лик. Тор доаѓа од скандинавската култура – рече Силвестри.

Тој смета дека цртежот, цртаните постојат за да ги образуваат децата за животот. И тоа е многу важно. Во стриповите во 1950-те и 1960-те години на миантиот век некои теми беа забранети, денес тоа повеќе не е така.

Селекторот од „Џифони Експериенс“, Розарио Минервини, сподели врз која основа се прават селекциите на филмовите што ги избираат во Италија. Некогаш е деликатно да се одреди дали некој филм е за 15 или за 16 години, на пример.

-Воопшто не е едноставно да се избере филм. Кај филмовите за помалите деца внимаваме дали еден филм ќе предизвика емпатија, па макар и да трае повеќе од 10 минути. Штом го задржува вниманието на децата, значи дека не сме згрешиле. Јас и самиот сум режисер на документарци и за мене тоа е важно, кај децата да се создаде емпатија – рече Минервини.

Последна содржина за кадетите и сениорите за денеска беше презентацијата на веб-платформата odas.mk. Анисија Угриновска и Филип Најдовски ја раскажаа нивната идеја како се сетија да создадат виртуелно место каде што ќе се обидат на своите врсници да им помогнат во процесот на учење со разни едукативни видеа и други материјали што ги постираат.

За денеска на програмата во 16 часот е закажана проекција на филмот „Тука сум“ во режија на Стефан Божиновски. Авторот ќе се осврне на темата моќта на визуелното раскажување приказна како рефлексија на реалноста.

По него следува презентација на „Марви продакшнс“, група неуморни млади ентузијасти предводени од Мартин Чичовски.

Во рамките на програмата „Џифони плус“ вечерва во 19 часот ќе биде прикажан германскиот филм „Насмевка“ на Штефен Кон.

Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од македонската Агенција за филм и Министерството за култура, Град Скопје, партнерот од Италија – „Џифони Експиериенс“ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

 

 

 

Треба да знаете
Последни објави