Советот за човекови права на Обединетите нации го прогласи пристапот до чиста и здрава животна средина како основно право, додавајќи на формалната важност за борба против климатските промени и катастрофи.
Одлуката беше изгласана без противење, и покрај претходните критики од земји како што се САД и Велика Британија, пренесува Хина.
Оваа резолуција беше дискутирана во 1990-тите. Не е правно обврзувачки, но може да влијае на глобалните стандарди. Адвокатите кои се занимаваат со климатските прашања тврдат дека може да им помогне во процесите што вклучуваат еколошка проблематика.
Документот беше предложен од Костарика, Малдиви, Мароко, Словенија и Швајцарија, и беше изгласан со 43 гласови „за”. Русија, Индија, Кина и Јапонија беа воздржани. Советот претставува 47 земји на еднаква основа низ континентите, избрани од Генералното собрание на ОН за три години.
Велика Британија, критичар на предлогот во последните преговори, во последен момент одлучи да гласа за резолуцијата, а САД во моментов не е членка на тоа тело.
Амбасадорката на Костарика, Каталина Девандас Агилар, рече дека одлуката „ќе испрати силна порака до заедниците ширум светот, погодени од климатските промени, дека не се сами”.
Противниците на резолуцијата ги критикуваа нејзините правни аспекти, тврдејќи дека Советот за човекови права не е соодветен форум за такви документи.
Џон Нокс, поранешен специјален известувач на ОН за човекови права и животна средина, пред гласањето рече дека оние што не гласаат за резолуцијата се „на погрешната страна на историјата”.
Светската здравствена организација проценува дека речиси 13,7 милиони луѓе умираат секоја година од загадување или промени во животната средина, односно 24,3 проценти од вкупните смртни случаи во светот.