Министерот за надворешни работи на Република Турција Мевлут Чавушоглу денеска ја обвини администрацијата на САД дека не ѝ ја кажува вистината на нацијата додека праќа писма на Конгресот во врска со одлуката за продолжување на националната извршна уредба за Сирија, јавува Анадолија.
Чавушоглу во Анкара имаше состанок со венецуелскиот колега Феликс Пласенција, а по средбата, во обраќањето за новинарите, кажа дека американската администрација ги повторила неоснованите обвинувања кон Турција и дека тоа го прави поради соработката и поддршката на ЈПГ, сирискиот огранок на терористичката организација ПКК.
„Наместо да ја обвинуваат Турција, САД би требало да ја напуштат сопствената погрешна политика и би требало да бидат поискрени кон американскиот народ и неговиот Конгрес”, рече Чавушоглу.
Шефот на турската дипломатија кажа дека Турција знае дека присуството на САД во Сирија не е поради борбата против ИСИС, затоа што само турската Војска се борела гради во гради против таа терористичка организација и во таа борба се убиени околу 4.000 терористи, пренесува Анадолија.
Чавушоглу исто така кажа дека во Европа и НАТО се водат расправи за американските политики во Сирија, Ирак и на друга места, а општата проценка е дека тие се неплански и непредвидливи.
САД во четвртокот ја продолжија за уште една година одлуката за вонредна состојба донесена во 2019 година, тврдејќи дека активностите на Турција во Сирија претставуваат закана за националната сигурност.