Во следниот период германската канцеларка Ангела Меркел ќе ја посети Атина, едно од нејзините последни патувања пред да си замине од позицијата, пишува грчкиот весник „Катимерини”, јави дописничката на МИА од Атина.
Повикувајќи се на свои извори, весникот објави дека на Самитот во Словенија грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис имал тет-а-тет средба со Меркел и ѝ упатил покана, која германската канцеларка ја прифатила, а преку дипломатски пат ќе се одреди точниот датум.
-Посетата на Меркел е од практично значење, бидејќи сѐ до формирањето на новата германска Влада, таа останува „централен играч” во ЕУ, која се соочува со голема енергетска криза што ќе биде главна тема на претстојниот Европски совет. Меѓутоа, има и симболичен карактер: мандатот на Меркел, на некој начин „беше во чекор” со грчката криза, бидејќи соработуваше со Караманлис, Папандреу, Пападимос, Пикраменос, Самарас и Ципрас, кои еден по друг ја напуштаа власта, пишува „Катимерини”