Досега во Германија, секој граѓанин можеше да се тестира за коронавирус еднаш неделно бесплатно во една од многуте аптеки, ординации или импровизирани центри за тестирање.
Резултатот од брз антиген тест доѓа во рок од 20 или 30 минути, обично на мејл. Сега важат нови правила, пишува „Дојче веле“.
Од понеделник (11 октомври), тестирањето веќе не е бесплатно, освен за деца, бремени жени, луѓе на кои не им е дозволено да се вакцинираат од медицински причини, како и оние кои се ставени во карантин и сега треба да добијат негативен резултат.
Неодамна, Постојаната комисија за вакцинација препорача вакцинирање на бремени жени и тинејџери на возраст од 12 до 18 години, така што тестовите за нив ќе бидат бесплатни до крајот на годината, со цел секој да има можност да се вакцинира.
Надежта на политичарите е дека плаќањето за тестовите дополнително ќе ги охрабри оние кои не се решени да се вакцинираат.
Низ Германија, на сила е таканареченото правило 3Г, што значи дека само на вакцинираните луѓе, оние кои прележале ковид или имаат скорешен тест им е дозволен престој во ресторани, спортски сали, кина, стадиони и разни настани.
Се смета дека некои би можеле да бидат мотивирани да се вакцинираат со фактот дека инаку ќе мора сами да ги сносат трошоците секој пат кога сакаат да влезат некаде каде што е потребен тест.
Министерот за здравство Јенс Шпан вели дека е фер кон даночните обврзници ако државата веќе не плаќа за тестирање на оние кои можат, а не сакаат да добијат бесплатна вакцина. За тоа досега беа издвоени околу 3,5 милијарди евра.