Вакцинацијата против Ковид-19 го намалува ризикот од хоспитализација и смрт за 90 проценти кај луѓе постари од 50 години, и се чини дека е ефикасна против Делта варијантата коронавирус, покажуваат резултатите од нова француска студија.
„Ова значи дека вакцинираните луѓе имаат девет пати помал ризик за хоспитализација или смрт од Ковид-19 отколку невакцинираните луѓе”, изјави за АФП епидемиологот Махмуд Зуреик, кој ја предводи научната група Епи-Фаре, пренесува Бета.
Истражувачите ги споредија податоците за 11 милиони вакцинирани лица постари од 50 години со податоците за 11 милиони невакцинирани лица во иста возрасна група, од 27 декември 2020 година до 20 јули 2021 година.
Од 14-тиот ден по втората доза на вакцината, „забележано е намалување на ризикот од хоспитализација за повеќе од 90 проценти”, се наведува во студијата.
Ова се однесува на вакцините на Фајзер/БиоНТек, Модерна и АстраЗенека, кои се користат во Франција од почетокот на периодот на кој се однесува истражувањето.