Со поддршка на Владата Делчево стана модерен град каде се подобрени условите за живеење на граѓаните. Во овој момент ставен е фокус на рехабилитација на локалните улици и патишта во општината за што преку Министерството за транспорт и врски се инвестираат 30 милиони денари, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, при денешната работна посета на општина Делчево.
Министерот Бочварски и градоначалникот Трајковски извршија увид во реконструкцијата на неколку улици во градот.
„Денеска извршивме увид во реконструкција на улицата Орце Николов. Ова е една од улиците во градот со чија реконструкција ќе се подобрат условите за живеење на граѓаните. И не е случај само со оваа улица. И на улицата Скопска и на улицата Острец, со реконструкција на локалниот пат до Тработивиште, па и останатите улици и други проекти што ги работи општината. Заедно со поддршка на централната власт и во соработка со општината остануваме уште попосветени во подобрување на условите на живеење во Делчево како погранична општина.“ – изјави министерот за транспорт и врски Бочварски.
Министерот потенцираше дека сите регионални патни правци во Делчево се завршени со што се поттикна економскиот развој на општината.
„Општината доби неповратни 790 илјади евра со кои реконструираме дел од локалните улици во Делчево. Денес сме тука на увид во градежните активности на улица Орце Николов, на која имаме засилено работно темпо и очекувам во најбрз рок таа да биде спремна за користење од жителите.
По завршување на оваа улица продолжуваме со реконструкција на улицата Острец. Во овој момент се реконструира и патот кон населеното место Тработивиште, со што вкупно се реконструираат 6 километри локални улици.“– истакна градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски.
На општина Делчево и се распределени средства во висина од 5 милиони денари преку ТАВ програмата за реконструкција на основното училиште Ванчо Прке.