Македонскиот ракометен првак и двократен европски шампион скопски Вардар со скор од две победи и едно реми е еден од двата тима во елитното клупско натпреаврување Лигата на шампионите без пораз. Со ваков скор Вардар утревечер (20.45 часот) во „Јане Сандански“ го пречекува француски Монпелје во 4. коло во групата А. Тренерот на „црвено-црните“ Веселин Вујович во пресрет на мечот потенцира дека Вардар првпат сезонава во ЛШ дочекува натпреавр како фаворит, што е дополнителна обврска за неговите избраници.
Во Скопје на колена пред Вардар клекнаа Мешков Брест и актуелниот европски вицепрвак Алборг.
-За Монпелје имам добро мислење. Станува збор за добар состав. Впрочем сите француски екипи се добри. Свесни сме дека ќе биде многу тежок меч. Првпат немам проблеми околу изборот кој да игра, зашто сега сите ги имам на располагање, па ќе видиме кој ќе влезе во тимот. Како и да е, Вардар првпат е фаворит во еден меч, вели Вујовиќ.
Вардаровиот кормилар посочува дека во денешниот ракомет тешко е да се победи со мал број на дадени голови.
-Денеска не може да се игра ракомет на низок резултат, зашто е многу тешко да добиете домашен меч со постигнати 24-25 гола. Ние подготвуваме тактика за секој противник и се адаптираме, ама не може да се дојде до добар резултат без добра одбрана. Имавме голема помош од голманите на претходните мечеви, зашто беа меѓу најдобрите во колото. Но, мојот стил останува ист, цврсто, силна одбрана. Во модерниот ракомет и да примите 27-28 гола е успех. Врвните екипи како Барселона, Веспрем, ПСЖ редовно одат над 30 гола, додава Вујовиќ.