Иницијативата „За наше Куманово“ на актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски демантира дека нејзин кандидат правел поткуп за гласови, откако денеска се појави аудио снимка на која се слуша Мирољуб Пауновиќ, кандидат за советник, како се договара со непознато лице да му обезбеди 50 до 100 гласа. Лицето му кажува дека треба да се плати по 500 денари од човек, плус нешто за него.
-Не престануваат притисоците во Куманово. Не престануваат заканите и уцените за сите оние кои сакаат да го дадат гласот за листата на Наше Куманово. Не престанува организираниот напад врз советниците од листата на Наше Куманово. Сега сме сведоци на изнудени аудија каде се прикажува неточна слика за наводен поткуп. Досега одржавме низа прес-конференции на кои со докази информиравме за злоупотребите од страна на еден кандидат за градоначалник во овој изборен процес.
Истите ќе ги доставиме до сите релевантни институции ОБСЕ, Делегацијата на ЕУ, како и на странските амбасади во земјава. Не сакаме да помислиме дека актуелното Министерство за внатрешни работи, иако имаме индиции, е ставено во функција на еден од кандидатите за градоначалник на Куманово. Затоа, го повикуваме МВР до крај да го истражи случајот со снимката што излезе во јавност, а ние уште денеска ќе поднесеме пријава за обид на изнуда на средства од кандидат во време на изборен процес што е потврдено и во снимката дека лицето бара средства за да обезбеди гласови.Бараме по расчистувањето на случајот да се произнесе јавното обвинителство што треба по службена должност да одговори на нашата пријава.
Листата за наше Куманово и кандидатот за градоначалник Максим Димитриевски се добро познати на кумановската јавност и граѓаните, и затоа нема да дозволиме начинот на комуникација со граѓаните да го сведеме на обидот на монтирање на нелегални снимки. Сите релевантни анкети зборуваат за победа на Максим Димитриевски и листата „За Наше Куманово“ на овие избори и поради тоа очекуваме притисокот и монтирањето на случаи да продолжи.