Четири словенечки опозициски партии денеска најавија дека поднесуваат интерпелација против министерот за внатрешни работи Алеш Хојс, тврдејќи дека тој носи одговорност за вонредната состојба во земјата и полициското насилство на протестите во Љубљана.
Предлогот за интерпелација го даде опозициската Левица, а на денешната средба доби поддршка и од Листата на Марјан Шарец (ЛМШ), Социјалдемократите (СД) и Партијата на Аленка Братушек (САБ), кои може да предложат евентуални измени до крајот на неделата за да може предлогот официјално да биде поднесен следната недела. Ова го соопшти денеска пратеникот од Левица Матеј Ватовец, пренесува СТА.
– Преку своите постапки, и Владата и МВР активно поттикнуваат немири во земјата и создаваат клима која станува се повеќе неодржлива, рече Ватовец.
Во денешната изјава за медиумите пред средбата на опозицијата, Хојс рече дека не е запознаен со содржината на интерпелацијата, а на прашањето дали односот на силите во парламентот е таков што ќе му овозможи да остане на министерската позиција, тој рече дека сега не е важен тој, туку Словенија.
На прашањето дали полицијата повторно ќе реагира со употреба на сила на утрешниот протест против епидемиолошките мерки, Хојс рече дека „ако насилството повторно ескалира, правилно е полицијата да одговори така што ќе спречи ескалација на насилство”.
Опозицијата, исто така, го обвинува Хојс дека ја политизира и милитаризира полицијата, како и за неуставни ограничувања на човековите права со погрешно применување на законот. Тие, исто така, наведуваат дека потенцијалните прекршувања на јавниот ред и мир не можат да бидат доволна причина за толку широки ограничувања на човековите права на дел од територијата на Словенија.