После долго време на некомпетентност и негрижа во работењето, за само една година откако Дрисла се врати во надлежност на Град Скопје, ова јавно претпријатие прерасна во санитарна депонија која применува современи технологии за управување со отпадот, а целокупниот нејзин економски потенцијал е ставен исклучиво во служба на граѓаните, се вели во реакцијата на Град Скопје по прес-конференцијата на директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Сретен Стојковски, на која соопшти дека ЈП му е изречена забрана за прием и третман на дури 22 вида опасен отпад.
-Откако ЈП Дрисла е повторно во надлежност на Градот набави нов стерилизатор за третман на медицински отпад од познатата италијанска марка ЦИСА, што е иновативен систем целосно автоматизиран со висока технологија и квалитет. Со набавката на стерилизаторот се стави крај на неодговорното и несовесно постапување со медицински отпад, односно несоодветната обработка на медицинскиот отпад, којшто потоа завршуваше на Дрисла како обичен отпад, што претставуваше потенцијална опасност за животната средина и за здравјето на луѓето.
Во ЈП Дрисла освен медицински отпад кои се третира согласно предвидените процедури, не се согорува друг вид опасен отпад без дозвола.
ЈП Дрисла постапува по забелешките на Државниот инспекторат за заштита на животната средина и до надлежното министерство има поднесено барање за скратување на бараните шифри за опасен отпад.