„Ја затекнавме општината во многу лоша финансиска состојба со 1,6 милијарди денари долг. Влеговме во процес на раздолжување и успеавме да ја раздолжиме општината до 295 милиони денари и сме на прагот за комплетно деблокирање на сметката на општината. Јас лично живеам за тој ден да ја видам сметката на Општина Охрид конечно деблокирана, што ќе ни овозможи брз развој и инвестиции во нови проекти, во нова инфраструктура, во училишта и во други големи капитални проекти.“ Ова го истакна кандидатот за градоначалник на Охрид, Константин Георгиески во дебатната емисија „Топ тема“ на телевизија „Телма“ посветена на Локалните избори.
Тој нагласи дека како локална власт биле исклучително посветени на исполнување на препораките на УНЕСКО и дека реализиреле големи вложувања во инфраструктурата.
-Две и пол години водевме борба за зачувување на статусот на Охрид како град на УНЕСКО која што на крајот ја извојувавме. Охрид сеуште се наоѓа онаму каде што му е местото. Почнавме навистина големи проекти, проекти кои во изминатите години беа ветувани и не беа реализирани и сето тоа ни е голем мотив и претставува процес кој треба да го продолжиме, рече Георгиески.
Тој истакана дека во однос на уредувањето на плажите има јасна визија и јасна цел согласно препораките на Унеско и Планот за управување со светското природно и културно наследство.
– Општината веќе има јавен повик и деновиве треба да се објават идејните решенија за изгледот на плажите, согласно урбанистичкиот план кој ќе го работи Агенцијата за просторно планирање. Се работи за еден нов начин на менаџирање кој ќе биде достапен за граѓаните и нема да има повеќе фаворизација на одредени правни и физички лица како во минатото кои што нелагално вршеле дејност на најатрактивниот дел на крајбрежјето, рече Георгиески, потенцирајќи дека сите досегашни заложби во однос на уредувањето на крејбрежјето до сега ги дале очекуваните резултати.
-Ние навреме постапивме ги отстранивме сите бесправни објекти, го отстранивме грдежниот шут, постапивме на 32.000 метри квадратни и отстранивме околу 7000 метри кубни градежен шут и ако тоа не го направевме статусот на Охрид во УНЕСКО немаше да биде завидна состојба рече Георгиески.
На прашањето за справувањето со дивоградбите, Георгиески рече дека тоа прашање треба да им се постави на останатите кандидати за градоначалници на Охрид.
-Јас покажав на дело како ќе се справам со дивоградбите и со постапувањето по препораките на УНЕСКО. Додека после војна сите се генерали и ви кажуваат дека требало да се руши во февруари, март или не знам кога. За мене има една главна компонента во тоа постапување, а тоа е почитување на законите. Никогаш не е добро време за отстранување, секогаш е добро време за почитување на законот, истакна Георгиески.
Тој објасни дека неговата предизборна програма има квалитетни проекти во сите сегменти и дека граѓаните траба да му ја дадат довербата за да продолжи континуитетот за развојот на Охрид.