Германската компанија WPD, ќе гради 415 мегаватна ветерна електрана на потегот Куманово – Старо Нагоричане – Крива Паланка, во вредност од околу 500 милиони евра. Премиерот Зоран Заев, на прес-конференцијата во присуство на амбасадорката на Германија Анке Холштајн, како и претставници на менаџментот на компанијата, истакна дека ова не е само најголемата германска инвестиција во земјава, тука ова е најголемата директна гринфилд инвестиција во македонската економија, воопшто, од независноста до денес.
„Ова се придобивките од Законот за стратешки инвестиции. Големите инвеститори ги препознаваат економските можности, безбедноста и стабилноста на земјата и носат храбри одлуки за инвестирање во Северна Македонија. Ќе се гради ветерен парк со име „Вирови” кој ќе биде најголемиот капацитет од обновливи извори на енергија во Северна Македонија. Колку за споредба, станува збор за капацитет кој го имаат двата блока на инсталиран капацитет од РЕК „Битола” во најдобри години. На полињата на потегот од Куманово кон Крива Паланка ќе бидат поставени 69 нови ветерни турбини, што е за четири пати повеќе од досегашните 16 кои ги гледаме на границата со Грција, и најважно, ветерници кои ќе создадат над 400 мегавати струја од македонскиот ветер. Во зеленото сценарио најбрзо растечки технологии се токму фотонапонските и ветерните електрани, и во нашата стратегија се предвидени околу 1.500 мегавати на фотонапонски електрани и околу 700 мегавати на ветерни електрани. Нема сомнеж, најголемата инвестиција во историјата на македонската инвестиција е доказ дека зеленото сценарио и тоа како е возможно. Овој проект е повеќе од половина од тие 700 мегавати предвидени во нашата стратегија и заедно со веќе изградената кај Богданци и со издадените досегашни овластувања од Владата, бројката поминува над 600 мегавати, што е 85 проценти од предвидените во Стратегијата”, изјави премиерот Заев и додаде дека ветерниот парк „Вирови” нема да користи никакви повластени тарифи од државата. Ова значи и снабдување на 290.000 домаќинства со електрична енергија, а инвестицијата ќе се одвива во неколку фази.
Андреас Бјрон Шолет, овластен претставник на WPD Европа истакна дека потврдувањето на статусот на стратешка инвестиција од страна на Владата на Северна Македонија е важен чекор кон реализација на ветерниот парк „Вирови” кој ќе има повеќе од 400 мегавати инсталиран капацитет, а инвестицијата се очекува да надмине половина милијарда евра.
„Се одлучивме за инвестирање поради поддршката на Владата и заедничката синергија на целите на WPD и Стратегијата на Северна Македонија за енергетска транзиција. Преку успешното деловно работење, Ветерниот парк „Вирови” ќе придонесе кон националниот и локалните буџети преку издавање на земјиште и даноци, додека системот од 69 ветерни турбини ќе користи вешти локални работници за техничко и оперативно управување и во текот на проектот, постојано ќе се ангажираат надворешни локални добавувачи во различни сектори. Во текот на градежната фаза, ќе инвестираме во подобрување на инфраструктурата, вклучително и капацитети за пренос на енергија и патишта, овозможување пристап до некои од подалечните области и нивното приспособување на земјоделство и земјоделски развој”, рече Шолет.
Амбасадорката Холштајн истакна дека соработката меѓу Северна Македонија и Германија се зголемува со овој проект кој ќе ја потпомогне енергетската транзиција на државата и ќе овозможи пристапна, чиста енергија.
„Владата оди во добра насока: привлекува странски директни инвестиции кои создаваат производствени капацитети за обновливи енергии и паралелно со давањето поддршка и на државниот производител ЕСМ за позелени инвестиции. Дуалниот пристап дозволува зелена транзиција на енергетскиот сектор со давачки кои се прифатливи за македонските потрошувачи.
Инвестициите како оваа на WPD, значително го зголемуваат уделот на обновливите извори во енергетиката, ја подобруваат конкурентноста на јавниот снабдувач ЕСМ во регионот и го намалуваат загадувањето што е од особена корист за граѓаните и сите останати”, рече Холштајн.
Kомпанијата WPD, работи во 28 земји во светот со над 5.000 мегавати на инсталиран капацитет во обновливи извори на енергија.