Пекинг бара укинување на сите санкции против Авганистан, како и меѓународна хуманитарна поддршка за земјата, јави ДПА.
За време на денешниот онлајн, специјален Самит на Г-20, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји истакна дека Г-20 мора да го почитува суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Авганистан.
Г-20 треба „да дозволи авганистанскиот народ да одлучи за својата судбина”, рече тој. Шефот на кинеската дипломатија потенцираше дека секоја земја треба да избере сопствен развојен пат.
– Наметнувањето идеологија и воена интервенција за мешање во внатрешните работи само ќе доведе до постојани турбуленции и тешка хуманитарна несреќа, рече Ванг.
Тој ја повика меѓународната заедница да се справи со Авганистан „на рационален и прагматичен начин”, велејќи дека на таа земја треба да се помогне, со цел да се изгради „инклузивна политичка структура” и да се развие рационална внатрешна и надворешна политика.