На неполна недела до изборите, партиите и кандидатите за градоначалници ги продолжуваат предизборните активности во обид да ги освојат гласовите на граѓаните. Во предизборните ветувања се бесплатен јавен превоз, асфалтирање на улици, реконструкции и изградба на градинки, училишта и спортски сали, а се најавува и развој на етно и селскиот туризам, дигитализација на услугите што ги нудат општините и целосна отвореност кон граѓаните.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев вчера им порача на идните градоначалници да му служат на народот, а не да владеат со него, да бидат отворени за граѓаните и внимателно да ги слушаат нивните проблеми.
– Да го сакаат својот народ и да ја прифатат пред се честа и одговорноста што луѓето им ја даваат на изборите. Да ги распоредуваат финансиските капацитети во форма на проекти и да ги решаваат проблемите поеднакво за сите – и во градовите и во населените места. Програмите што ги испорачуваат мора да бидат динамични. Секоја година при формирањето на буџетот да ги слушаат граѓаните што е приоритет за нив, а не само она што е приоритет според општинската администрација или според градоначалникот. Граѓаните се неприкосновените конечни одлучувачи на локално ниво, како што се и на државно ниво, рече Заев на гостувањето во централниот дневник на телевизија „Сител”.
Според него, исклучително е важно какви луѓе ќе ги водат општините и какви програми ќе се реализираат во следниот четиригодишен период. Иако се реализирани доста проекти, смета дека има уште многу работа на локално ниво.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски посочи дека власта ги изневерила очекувањата на граѓаните.
– Не се реализирани ветувањата и немаат допир со реалноста во каква апатија се наоѓаат граѓаните, рече Мицкоски, повикувајќи на масовна излезност на денот на изборите.
Тие, рече Мицкоски, не може да купат толку гласови колку што народот може да излезе и да им ја запечати судбината зад параванот. Не наседнувајте ниту на оние странични пораки кои ги пуштаат преку нивните платени мегафони дека сите сме исти, кога не сме.
Најави одговорност за сите оние кои направиле криминал и вети повеќе од 200 милиони евра годишно за земјоделците.
Лидерот на „Левица” Димитар Апасиев очекува на локалните избори да освојат над 60 советнички места низ државата, односно 4 до 5 советнички места во Битола.
-Целта на предизборните собири е да се дадат насоки за да се спречи грабежот кој ни е очекуван и кој што веќе еднаш ни беше направен на парламентарните избори. Тоа овој пат ќе го спречиме со сопствени сили. Левица за прв пат настапува во 40 општини со кандидати за општинските совети и со 8 кандидати за градоначалник, но за разлика од минатите избори одржани во 2017 година кога освоивме само 3 советници бидејќи бевме партија на почеток, сега очекуваме да освоиме повеќе од 60 советнички места на ниво на држава. Во Битола конкретно според актуелните рејтинзи очекуваме 4 до 5 советника кои имаат јасна програма утврдена од локалниот огранок на Левица во овој град, изјави Апасиев вчера во Битола.
Лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села смета дека опозицијата во државата е на добар пат да оствари позитивни резултати насекаде каде настапува со заеднички кандидати.
– Од исходот на локалните избори ќе произлезат важни работи на централно ниво. Оваа наша соработка има за цел спречување на продолжениот раст на стапката на корупција. За жал стануваме најкорумпирана држава во регионот, па и во светски размери. Затоа треба да смогнеме сили да соработуваме за да ја промениме оваа власт која дојде со многу ветувања, а од друга страна, за жал, не успеа ништо да реализира од ветувањата, изјави Села по средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид.
Дел од кандидатите за градоначалник на Град Скопје вчера ветија бесплатен јавен превоз. Актуелниот градоначалник од СДСМ кој е во трка за уште еден мандат Петре Шилегов вети бесплатен јавен превоз за пензионерите секој ден во неделата и бесплатен медицински транспорт за лицата во трето доба и лицата со попреченост до здравствените институции во градот. Независната кандидатка Данела Арсовска, пак, најави бесплатен јавен превоз за сите граѓани.
Предизборните активности продолжуваат и денес. Коалицијата предводена од СДСМ ќе одржи Кратово, Ранковце и Крива Паланка, додека коалицијата преводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе има митинг во Скопје. Во Скопје митинг ќе одржи и „Левица”, а коалицијата ДОМ и ЛДП ќе се претстават во Ѓорче Петров. Предизборната програма во Желино ќе ја претстави „Беса”.