Холандскиот фудбалски репрезентативец Џорџињо Вајналдум им откри на домашните новинари по вчерашниот натпревар против Гибралтар во рамки на мундијалските квалификации дека состојбата во ПСЖ е драстично поинаква од таа што ја замислувал кога летово дојде како големо засилување од редовите на Ливерпул.
Холанѓанецот не е во прв план во ПСЖ и претежно влегува во игра од клупата за резерви во завршните минути од натпреварите.
– Не можам да речам дека сум целосно среќен во ПСЖ. Состојбата не е онаква каква што ја замислував и каква што посакувам да биде. Но, тоа е фудбалот. Морам да се соочам со тоа и да продолжам да се борам за своето место, им изјави Вајналдум на холандските новинари.
– Секогаш сум бил физички максимално подготвен. Никогаш не сум имал проблеми поради згуснатиот распоред или честото играње. Меѓутоа, во ПСЖ ме дочека поинаква реалност, додаде Вајналдум.