Интегрален текст од прес конференција на кандидат за градоначалник Константин Георгиески
За да можеме да имаме современ град, предуслов е соодветна и функционална градска инфраструктура и затоа реализацијата на проекти од оваа област се одвива со забрзано темпо. Во текот на престојниот мандат предвидуваме низа нови инвестиции за партерно уредување и формирање на нови инфраструктурни содржини за прошетки и рекреација, кои ќе имаат големо значење и ќе придонесат за туристичкиот развој на Охрид.
Согласно Планот за управување со светското природно и културно наследство, предвидуваме нови патеки на неколку локации на крајбрежјето на Охридското Езеро и во останатиот репрезентативен дел на градот.
Веќе е подготвено идејно решение за изградба нова пешачка патека од дрвен материјал која ќе се протега од Градското пристаниште до населбата „Канео“. Патеката ќе биде изградена по сите стандарди за зачувување на животната средина како и во согласност со сите мерки за заштита на културното наследство во стариот дел на градот. Оваа нова инфраструктурна содржина ќе ја збогати туристичката понуда на Охрид и значително ќе придонесе за подобара поврзаност на жителите од населбата „Канео“ со централното подрачје.
Со цел да се подобри целокупната крајбрежна инфраструктура, иницираме реконструкција и уредување на Градското пристаниште, но и на другите пристаништа во целата должина на крајбрежјето. Остануваме посветени на реализирање на идејата за изградба на нов градски кеј и нова марина за пловни објекти, со целосно почитување на препораките на УНЕСКО.
Покрај проектите за уредување на брегот на езерото, предвидуваме и изградба на нова пешачко – рекреативнa патека од паркот „Билјанини извори“ до истоимениот Спортско Рекреативен Центар во должина од 265 метри.
Пред извесно време започнаа дел од подготвителните активности, кои му претходат на овој проект. Според идејното решение, патеката е предвидено да има аморфна форма со променлива ширина и ќе биде опремена со модерна урбана опрема и осветлување. Патеката ќе биде одделена од каналот со зелен појас од висока и ниска вегетација со што се обезбедува безбедност на посетителите. На западната страна е предвидено да има и велосипедска патека за да има целосно рационално користење на просторот.
Исто така, во наредниот период, во согласност сите мерки и препораки за заштита, планираме изградба на нови пешачки патеки во стариот дел на градот, во парк шумата „Кале“ и во потегот од градската плажа „Грашница“ до извидничкиот центар.
Нудиме квалитетни и издржани проекти кои се од големо значење за Охрид како туристички и културен центар. Ја имаме најдобрата програма за нашата општина! Затоа во недела на 17-ти октомври да ја дадеме поддршката за бројот 12 и да обезбедиме подобар развој и напредок на Охрид. На 17-ти октомври да обезбедиме уште една голема победа за нас и идните генерации.“