Претседателот на Собранието на Србија, Ивица Дачиќ, ги отфрли критиките според кои Белград го злоупотребил самитот на Движењето на неврзаните (ДНЗ) во корист на Русија, наведувајќи дека тие „немаат вистинска основа”.
-Што ќе и е тоа на Русија, така што Русија, на пример, периодично одржува состаноци со африканските земји (кои се членови на Движењето на неврзаните) и тоа се критики кои немаат вистинска основа, изјави Дачиќ на ТВ Хепи.
На Самитот на неврзаните во Белград како набљудувач учествува и Русија, а вчера министерот за надворешни работи Сергеј Лавров на отварањето на самитот ја пренесе оценката на рускиот претседател Владимир Путин дека членовите на таа организација имаат значајна улога во светската политика, со инсистирањето на конструктивен дијалог.
-Статусот на Русија како набљудувач во ДНЗ ја отвора можноста за нов придонес, кажа Лавров и изрази очекување дека собирот во Белград ќе испрати порака дека еднаквоста меѓу државите нема алтернатива.
Тој оцени дека ДНЗ е способно да ги заштити своите идеали, човековите права, да ја зајакне борбата против тероризмот.
Со Пленарната сесија во Белград денес продолжи одржување на Самитот, со кој се одбележуваат 60 години од основањето на Движењето на неврзаните, а на маргините на состанокот се одржуваат бројни билатерални средби.
По пленарната сесија, собирот ќе биде затворен попладнево со заедничка конференција на министерот за надворешни работи на Србија, Никола Селаковиќ, и министерот за надворешни работи на Азербејџан, Џејјхуна Бајрамов, кои се и домаќини на собирот.
На вториот ден од самитот, во Белград отворен е Меѓународниот саем за оружје и воена опрема „Партнер 2021″.