На денешното рочиште за случајот ,,Плацевите на Водно’’ одбраната на Јордан Камчев реагираше и се обрати до Судијата кој е надлежен за случајот, информирајќи го и барајќи од него, како единствен орган кој моментално се грижи за основните слободи и права на обвинетиот да преземе дејствие и да се вклучи во постапката, за како што велат, последното нарачано изживување врз бизнисменот од страна на овластените лица, кое се случило на 5-ти октомври 2021 година, при негов спровод од затворот „Шутка“ до Јавното Обвинителство за организиран криминал во врска со предмет кој е во истрага.
Во продолжение интегрално реакцијата на адвокатите на Камчев.
-Во текот на спроводот спротивно на начинот и методологијата на спроведувањето на лица лишени од слобода на понижувачки и деградирачки начин г-динот Јордан Камчев е спроведен од затворот Шутка до просториите на Јавното Обвинителство за организиран криминал. Притоа, ваквото однесување на овластените лица кои постапувале по вашата наредба е надвор од Законот за полиција и не е во соодветност со правилникот за постапување на лица лишени од слобода. Должни сте да го испитате случајот, бидејќи Вие сте во моментов единствениот орган кој се грижи за основните слободи и права на г-динот Камчев. Доколку сакате и доколку сметате, околу фактичкиот настан, да ви објаснам, дека г-динот Камчев бил легнат на земја, јавно претресуван. Лисиците – тоа го виде и Обвинителката, лисиците му беа толку многу врзани на задниот дел на телото што немаше крв во рацете, спротивно на Правилникот за постапување на лица лишени од слобода. Барам од вас да преземете дејствие и да се вклучите во постапката, побара во своето обраќање адвокатот Тони Менкиноски кој е дел од одбраната на Камчев.
На ова се надоврза и г-динот Камчев кој додаде дека бил претресуван легнат на земја, во надворешниот дел на затворот :
-Бев претресуван надвор од зградата, меѓу двете комбиња и се исмејуваа затвореници надвор, од прозорите, значи не во внатрешен дел, туку на трева. И прв пат ми беа лисиците позади грб врзани и стегнати и не можев да седам во комбето бидејќи клупата беше само 20-30 сантиметри и цело време се седеше на земја. Беше едноставно изживување . Толку сакам да кажам. Тоа се констатираше отпосле и со повредите на рацете и го пријавив настанот во Обвинителството“.
Бидејќи изживувањето врз г-динот Јордан Камчев континуирано продолжува, одбраната конкретно за овој случај ќе поднесе кривични пријави за овластените, одговорни лица кои го вршеле спроводот, ќе поднесе жалба до Народниот правобранител на РСМ и ќе ја дополни апликацијата која е веќе испратена до Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Тортурата и изживувањето кое се врши врз г-динот Камчев веќе станаа мета и на меѓународната јавност. За неговиот случај и третманот на кој е подложен г-динот Камчев овие седум месеци, декларирајќи го веќе како политички затвореник пишуваа досега три меѓународни, реномирани медиуми ,,EU Reporter’’, ,,The European Post’’ и ,,The Times of Israel’’.
Се чини дека се погласните реакции на меѓународната јавност во кои отворено се зборува за случајот на Камчев и истиот се класифицира како изживување, некому не му се доволен сигнал дека на крајот ќе мора некој да одговара и да сноси сериозна одговорност за сиот незаконски третман, изживување и тортура.