Претседателот на Движењето за промени, Небојша Медојевиќ оцени дека нема да има реконструкција на Владата на Црна Гора и дека сегашната ситуација може да се реши само преку избори.
Тој на прес – конференција рече дека премиерот Здравко Кривокапиќ и актуелната влада не можат да одговорат на предизвиците.
– Како дел од компромисот, ние се согласивме на реконструкција во согласност со изборните резултати, но гледате дека тројца пратеници сакаат да владеат со Црна Гора и тие тоа го попречуваат, рече Медојевиќ, пренесува РТЦГ.
Тој изјави дека верува дека УРА тајно преговара со Демократската партија на социјалистите (ДПС).
– Мислам дека тие купуваат време и дека ќе излезат на избори со здраво јадро на ДПС или ќе побараат од малцинските партии да формираат нова влада, малцинска, која би се состоела од Социјалдемократите, Социјалдемократската партија и ДПС, рече Медојевиќ.
Според него, моменталната ситуација единствено може да се реши со избори.