Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, утре и задутре ќе биде домаќин на работната посета на алтернативниот министер за надворешни работи на Грција задолжен за европски прашања, Милтијадис Варвициотис.
Посетата се остварува во светло на засилената билатерална соработка меѓу Северна Македонија и Грција, како и изразената грчка поддршка за европските интеграции на земјава. Во тој контекст, ќе се разговара за можностите за продлабочување на соработката и техничката помош од грчка страна, како и остварувањето на заедничката стратешка цел, што подразбира официјален почеток на пристапните преговори со ЕУ, информираат од кабинетот на Димитров.
Вицепремиерот Димитров и алтернативниот министер Варвициотис ќе имаат билатерална средба утре по што ќе следуваат изјави за медиумите.
Во рамките на посетата алтернативниот министер за надворешни работи, Варвициотис, ќе се сретне и со претседателот на Владата, Зоран Заев, како и со министерот за надворешни работи, Бујар Османи.